29.09.2022 Скопје
Унгарскиот премиер Виктор Орбан отворено го поддржа Милорад Додик во неговата кандидатура за претседател на Република Српска.
Во видео обраќање, Орбан ја нарече Република Српска „почесен сосед на Унгарија“, а ниту еднаш не ја спомна државата Босна и Херцеговина. Унгарија и Србија се соседи, но Унгарија ја смета Република Српска за почесен гостин, бидејќи тоа што се случува во таа земја е многу важно и за нас, вели во видеото премиерот на Унгарија.
Орбан рече дека во Република Српска се одржуваат избори, а Додик го нарече претседател, иако тој е член на Претседателството БиХ. Исто така кажал дека добро го познава Додик и дека тој е многу добар пријател на Унгарија, го запознал како човек кој што е подготвен да го зачува мирот, кој е отворен за дијалог, кој се залага за почитување на Дејтонскиот договор и кој секогаш во секоја прилика го штити српскиот народ.
Орбан, претходно, најавил дека неговата влада ќе го блокира секој обид на ниво на Европската Унија за воведување на санкции кон Додик, поради постојаното оспорување на територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и заканите за отцепување на Република Српска.
Додик, претходно, донел одлука дека нема да се бори за уште еден мандат во државниот врв на изборите кои се закажани за на 2 Октомври, иако има законско право на тоа, сепак тој одлучил да се бори за функцијата претседател на Република Српска, а во Претседателството на БиХ планирал да биде заменет од актуелната ентитетска претседателка Жељка Цвијановиќ.
Медиумите кои се под контрола на Додик, неделава, ги објавиле резултатите од наводната анкета од една унгарска агенција, и во таа анкета се наведува дека Додик има голема предност.
Подготвено од М.Н.