27.09.2022 Скопје
Од Владата соопштија дека на денешната седница се одобрени средства за ликвидно работење на друштвата и континуирано снабдување со топлинската енергија на потрошувачите на Град Скопје.
Владината прес-служба соопшти дека пред почетокот на грејната сезона, Владата донела Одлука за одобрување околу 18 милиони евра за набавка на енергенси на АД за производство на електрична енергија „Електрани на Северна Македонија“ во државна сопственост, согласно Одлуката за постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија.
Во соопштението се наведува дека со преземените соодветни мерки, од страна на Владата се обезбедува непречено снабдување со топлинска енергија на Градот Скопје и сигурност и стабилност при испораката на топлинска енергија до потрошувачитеза време на годинешната грејна сезона.
Министрите, на седницата, го одобрија задолжувањето на државата со издавање на хартии од вредност на германскиот пазар. Се работи обврзница позната како HCB – Namensschuldverschreibungen, во изност од 250 милиони евра.
Во соопштението се наведува дека овој инструмент со својата каматна стапка и рок на доспевање е најдобрата опција за портфолиото на јавен долг, односно каматната стапка изнесува 3,75 отсто плус шестмесечен ЕУРИБОР, со рок на отплата од три години и 18 месеци грејс-период. Воедно, во соопштението е објаснето дека HCB е инструмент кој обично го издаваат висококвалитетни клиенти со стабилен инвестициски кредитен рејтинг, а хартиите од вредност се купени од страна на германски инвеститори.
Подготвено од А.Ѓ.