17.09.2022 Скопје
Во понеделникот, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопштило дека нивниот електронски систем бил целосно хакерски нападнат кој предизвикал блокирање на редвниот работен процес и оневозможил исполнување на тековните процеси во надлежноста на министерството.
Според неофицијални извори, се работи за посериозен хакерски напад, при што биле избришани големи бази на податоци особено податоци за субвенции, планови и тендери. Нападот бил пријавен во МВР и се води истрага за утврдување околу тоа дали се работи за внатрешна саботажа или надворешен упад. Од Министерството упатија извинување поради неможноста за навремено извршување на услугите.
Она од што најмногу стравуваат е можното бришење на податоци за неисплатени субвенции кои биле во вредност од 530 милиони евра.
За кратко време ова е втор хакерски напад на државна институција откако претходно Министерството за образование беше цел на неколку сајбер напади. Македонија по Црна Гора и Албанија стана трета членка на НАТО од регионот погодена од сајбер напади. Експертите за сајбер безбедност веќе подолго време предупредуваат дека компјутерската безбедност во државните институции не е на потребното ниво.
Од Министерството за информатичко општество и администрација најавуваат и основање на нова државна агенција за сајбер безбедност која ќе се занимава со спречување на можни хакерски напади, бидејќи сајбер безбедноста треба да биде највисок приоритет за една држава.
Подготвено од М.Н.