28.09.2022 Скопје
Норвешка ќе ја ангажира војската за да ги заштити своите нафтени и гасни објекти од можни саботажи, откако беа нападнати двата руски гасоводи кон Европа. Истекувањето на гасот како резултат на саботажа на двата крака на гасоводот Северен тек предизвика тотален хаос на енергетските пазари и ги зголеми безбедносните стравувања.
Норвешка е во моментов најголем европски снабдувач на гас и водечки глобален снабдувач на нафта, има повеќе од 90 гасни и нафтени полиња на море, од кои повеќето се поврзани со мрежа на гасоводи кои се протегаат на 9.000 колометри.
Премиерот на Норвешка, Јонас Гар Сторе, на прес-конференција изјавил дека војската ќе биде распоредена на сите гасни и нафтени објекти. Сторе, исто така, изјавил дека непознати безпилотни летала биле видени во близина на норвешките морски гасни и нафтени платформи, но истакнал дека не биле забележани конкретни закани против норвешките гасни и нафтени објекти и не побарале помош од своите сојузници, но предупредил на поголема претпазливост, бидејќи би можеле да претставуваат ризик.
Подготвено од М.Н.