18.09.2022 Скопје
НАСА објави фотографија од Охридското и Преспанското Езеро во нивната природна боја. Во текстот објавен на сајтот на Земјината опсерваторија насловен како „Пар антички езера“ стои дека сликата е направена на 19 август 2022 година.
Инструментот на НАСА, Imager-2 (OLI-2) на Landsat 9, направи снимка на двете наши најголеми езера – Охридското и Преспанското Езеро.
Во објавата на НАСА стои дека Охридското и Преспанското Езеро, две од најстарите езера во Европа, се наоѓаат во планинска област долж границите на Северна Македонија, Албанија и Грција. Исто така и дека езерата опстојуваат најмалку еден милион години, а можеби и подолго. Охридското Езеро е поголемо и подлабоко од двете, со средна длабочина од 155 метри (509 стапки), додека Преспанското Езеро има средна длабочина од 14 метри (45 стапки). НАСА, во објавата, нагласи дека својата долговечност езерата ја должат на одржливата тектонска активност што предизвикува земјиштето под нив да потоне, создавајќи грабени или ниски долини опкружени со раседи. Ова тековно тонење на долините го спречува создавањето на седименти и растителниот свет и претворање на езерата во мочуришта со текот на времето, како се случува со повеќето езера по неколку илјади години.
Геолозите класифицираат само 30 од милиони езера во светот, вклучувајќи ги Охридското Езеро и Преспанското Езеро, како „антички“ – дефинирани од некои истражувачи, како опстојување на повеќе од еден циклус на ледено доба, најмалку 130 000 години. Воедно, геолозите мислат дека околу 20 езера на Земјата, главно пронајдени во грабени, опстојуваат повеќе од еден милион години. Додека пак, НАСА потсетува дека повеќето од милионите езера во светот се стари помалку од 18 000 години и настанале кога глечерите се стопиле на крајот од последното ледено доба.
Во текстот на НАСА се наведува дека додека нивото на водата се задржува на релативно стабилно на Охридското Езеро во последните децении, Преспанското Езеро доживеа значителен пад и во површината и во обемот. Воедно, нагласено е дека во една неодамнешна студија, базирана на речиси четири децении набљудувања на Landsat, научниците објавиле дека Преспанското Езеро изгубило седум отсто од својата површина и половина од својот волумен помеѓу 1984 и 2020 година, најверојатно поради зголеменото повлекување вода за земјоделството. Исто така, во објаснувањето на нашите две езера, стои дека најголем дел од водата во Охридското Езеро доаѓа од подводни извори, но околу 20 проценти од неа се спушта од повисоката надморска височина во Преспанското Езеро, преку подземните карстни канали.
Подготвено од А.Ѓ.