21.09.2022 Скопје
Милчо Манчевски, најтрофејниот македонски режисер, веќе е добро познат кај јапонската публика, уште од 1955 година со филмот „Пред дождот“, а подоцна и со „Прашина“.
„Кајмак“, новиот филм на Милчо Манчевски, влезе во официјалната конкуренција за награди на престижниот Филмски фестивал во Токио. Во рамките на 35-тото издание на најголемиот азиски и еден од најголемите светски филмски фестивали, кој се одржува во јапонската престолнина од 24 Октомври до 2 Ноември, е светската премиера на „Кајмак“.
Режисерот Милчо Манчевски изјавил дека кога првиот пат бил во Токио го држел во раце златниот лав од Венеција на Куросава, за „Рашомон“, и видел дека дизајнот на лавот се разликува од неговиот, всушност организаторите во Венеција ја промениле формата на трофејот во тие 30-тина години што поминале, па сега Манчевски ќе оди да провери дали е се во ред со лавот од Токио.
Филмот „Кајмак“ ќе има три проекции во рамки на фестивалот, од кои првата е на 26 Октомври, по што според продуцентот Јане Ќортошев кон средината на ноември може да биде претставен пред македонската кино публика. Македонската Радио Телевизија е копродуцент на филмот и откако филмот ќе изживее богат фестивалски живот, ќе биде емитуван на МРТ, а тоа најверојатно ќе се случи кон крајот на идната година.
Во Токио, режисерот Манчевски и дел од актерската екипа на „Кајмак“ ќе продефилираат на црвениот килим и ќе учествуваат во два разговори со публиката. Воедно, Манчевски ќе одржи и специјален мастерклас за јапонската стручна публика и за студенти. Филмот, за светската публика, го задржува и оригиналниот збор, со што и англискиот наслов е „Kaymak“.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, изјавила дека Милчо Манчевски повторно Македонија ја носи во Јапонија, со неговиот најнов филм „Кајмак“ и додаде дека во меѓувреме светот дознал за Македонија токму преку неговите филмови. Според Костадиновска Стојчевска, филмовите на Манчевски на сите континенти, во стотина земји, ги претставиле убавините на Македонија, а уште поважно и вредноста на македонската култура и македонскиот јазик.
Режисерот Манчевски го потпишува и сценариото на оваа црна комедија или среќна комедија за две семејства кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот.
Подготвено од А.Ѓ.