https://www.facebook.com/ZdruzenieNaNovinariteNaMakedonija/photos/pcb.5542294415793597/5542294012460304/

28.08.2022 Скопје

На дводневната завршна конференција на Хоризонталната програма за Западен Балкан и Турција на Европската Унија и Советот на Европа беше речено дека без владеење на правото, нема зрела држава и нема долгорочен мир.

Учесниците на дводневната завршна конференција на Хоризонталната програма за Западен Балкан и Турција на Европската Унија и Советот на Европа, што се одржа во Будва, порачаа дека напорите на властите за реформирање на судството, борбата против економскиот криминал, борбата против дискриминацијата и унапредувањето на слободата на изразување и на медиумите, како и унапредувањето на регионалната соработка, се од суштинска важност за подобрување на животот на граѓаните во земјите од Западен Балкан и од Турција.

Заедничката програма на Европската Унија и на Советот на Европа е формирана за да им помогне на земјите од Западен Балкан и на Турција да ги достигнат европските стандарди во суштинските области од реформскиот процес, а втората фаза што трае од мај 2019 до крајот на 2022 година, во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и во Турција се потрошени околу 41 милион евра.

Фондот за Македонија е повеќе од 4,2 милиони евра и покрива области, какви што се борбата против корупцијата, подобрување на правосудството, реформа на затворите, унапредување на различностите и еднаквоста, како и слобода на изразување и слобода на медиумите.

Во однос на „затворските реформи“ во Северна Македонија, се подготвува Стратегија за развој на казнено-поправниот систем, чија цел е затворениците и нивните семејства да се третираат во безбедна средина и со почит и достоинство.

Во земјата се поднесени иницијативи што опфаќаат повеќе од 300.000 луѓе, особено жени и ранливи групи, за да се зголеми ефикасноста, квалитетот, достапноста на системот за бесплатна правна помош.

Во Македонија е отворена првата национална линија за помош што обезбедува директна помош на ЛГБТИ заедницата, како и на нивните пријатели и членови на семејството. На телефонската линија за помош досега имало повеќе од 150 повици за проблеми поврзани со ЛГБТИ заедницата.

Во врска со слободата на изразување и слободата на медиумите, дадена е поддршка за подобрување на соработката помеѓу медиумските „актери“ и пратениците за зајакнување на одговорноста и транспарентноста на парламентарните процеси.

Во напорите за унапредување на еднаквоста и борбата против дискриминацијата, Министерството за труд и социјална политика доби значајни препораки да усогласи 13 закони со Законот за превенција и заштита од дискриминација.

Во врска со борбата против корупцијата и економскиот криминал, амандманите на Законот за борба против перењето пари и финансирање тероризам се засноваа на препораките дадени од Програмата и се во собраниска процедура, во моментов.

Конференцијата на Хоризонталната програма за Западен Балкан и Турција на Европската Унија и Советот на Европа, што се одржа во Будва, ја отвори министерот за надворешни работи на Црна Гора, Ранко Кривокапиќ и според него, на регионот на Западен Балкан му недостига целосна демократизација и владеење на правото, а без владеење на правото, нема зрела држава и нема долгорочен мир.

Христос Јакумопулос, генералниот директор за човекови права и владеење на правото во Советот на Европа, смета дека владеењето на правото и демократијата се основни човекови права.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author