18.09.2022 Скопје
Самитот за трансформација на образованието се одржува во САД, а на истиот присуствува и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири. Самитот има за цел да мобилизира глобална политичка акција, барање решенија и покажување солидарност во пост – пандемискиот период и подобрување на квалитетот на образованието.
Самитот за трансформација на образованието беше отворен со дискусија на тема глобално движење кон трансформација на образованието, при што беше истакната важноста на солидарноста, како и важноста на фокусирањето кон гласот на младите. Веднаш по дискусијата, се одржа и дебата посветена на меѓугенерациските дијалози, во која учествуваа млади луѓе и политички лидери, а со цел овозможување партиципативни дијалози за трансформирање на образованието. Додека пак, во фокусот на вториот ден од Самитот на Обединетите нации за трансформација на образованието беа темите поврзани за тоа како да се обезбеди дигитална иднина за секое дете и неопходноста од глобално обединување, како и примена на правичен пристап за дигитална трансформација.
На Самитот беа остварени и директни разговори за акциите што треба да се превземат, за да можат образовните системи да се трансформираат и да се обезбеди унапредување на развојот преку образование за секого, а воедно беше нагласена и важноста на искористувањето на дигиталните решенија во обезбедувањето на квалитетно образование за секое дете, како начин за континуиран пристап до образование на децата, младите и наставниците.
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, на својот фејсбук профил, напиша и дека младите се мотор на иднината на една држава, затоа справувањето со предизвиците во 21 век и стекнувањето нови знаења за унапредување на образовниот процес се секогаш приоритет на Владата и Министерството за образование и наука.
Подготвено од А.Ѓ.