29.09.2022 Скопје
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, во нејзиниот говор на десеттиот „Athens democracy forum“ изјави дека поголемиот дел од напредокот на Украина во ЕУ реформите е постигнат, затоа што народот ја има Европа во своите срца и умови. Воедно, додаде дека истото важи и за народот во Албанија, Северна Македонија и низ Западен Балкан, а истото важи и за Молдавија и Грузија, кои побараа да се приклучат на Европската Унија. Меѓу другото, Лајен порача дека ветерот на промени дува низ европскиот континент.
За демократијата и демократските вредности, Лајен истакна дека со рускиот напад врз Украина се води „војна на автократијата против демократијата“, но и изрази длабоко убедување дека демократијата ќе надвладее.
Фон дер Лајен истакна четири приоритети на кои е потребно фокусирање, а тоа се новите закани, повеќекратните кризи, обидите за нови граници и идните генерации.
Претседателката на Европската Комисија, Лајен, за новите закани изјави дека воените бродови и војниците повеќе не се единственото оружје во рацете на странските автократи, туку и дезинформациите, како и сајбер нападите, што исто така се дел од нивната војна против демократијата.
За повеќекратните кризи, Лајен потсети на пандемијата, на здравствената криза и успешната набавка на вакцини, се осврна на реакцијата на Унијата со брзина на светлината на рускиот напад против Украина, со најголемиот пакет санкции во историјата и порача дека демократиите можат да постигнат резултат, ако дејствуваат обединето. Исто така, потенцираше дека нападот на Путин против Украина е обид да се смени текот на историјата и да се запре долгиот пат на демократијата.
За четвртиот приоритет, Лајен посочи дека „никогаш не треба да заборавиме дека нашите демократии им припаѓаат на идните генерации“.
Подготвено од А.Ѓ.