21.09.2022 Скопје
Премиерот Димитар Ковачевски присуствуваше на отворањето на Состанокот по повод 30 години од Декларацијата за правата на малцинствата, во рамките на Генералното Собрание на Обединетите Нации.
Ковачевски во своето обраќање на Состанокот истакна дека е цврсто уверен дека унапредувањето на едно право, што не загрозува друго право, може само да ѝ биде од корист на една држава, што е посветена кон мирен развој. Исто така, нагласи дека мирот никогаш не треба да се гледа како крајна дестинација, туку мирот претставува пат со многу кривини, мирот се добива со заедничко чекорење по патот во секојдневието, како и дека е тоа пат по кој луѓето кои живеат во населба, во заедница, во општина, во држава, треба да го чекорат заеднички.
На крајот од своето обраќање, премиерот Ковачевски нагласи дека на Состанокот присуствува во името на неговата татковина, Република Северна Македонија, која денес претставува пример за функционална мулти-етничка држава и претставува фактор на стабилност на Западен Балкан, што најмногу се должи на концептот „Едно општество за сите“ кон кој Македонија се стреми и го спроведува без предрасуди, како и дека тоа е концептот заснован на начелото на еднакви права и должности за сите граѓани, начело што Владата и поголемиот дел од граѓаните на Република Северна Македонија го поддржуваат. Воедно, додаде дека тоа се граѓани кои се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и други граѓани кои живеат во Република Северна Македонија и кои според највисокиот законодавен документ имаат еднакви слободи и права.
Подготвено од А.Ѓ.