18.09.2022 Скопје
Од 19 до 24 Септември, премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ќе учествуваат на 77. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Од Министерството за надворешни работи соопштија дека за време на престојот во Њујорк, министерот Османи ќе учествува на трансатлантска вечера на министри за надворешни работи на НАТО. Оваа трансатлантска вечера на министри за надворешни работи на НАТО е организирана од страна на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен. Воедно, Османи ќе присуствува и на состанокот на Јадранската Повелба А5, како и на состанокот организиран од Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) и Советот за регионална соработка.
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, на маргините на Генералното собрание ќе оствари бројни билатерални средби со свои колеги од земјите членки на Европската Унија и од земјите учеснички и партнери на ОБСЕ, во контекст на претседавањето на Македонија со оваа организација, како и со високи претставници од Стејт департментот на САД, а ќе оствари средби и со претставници на нашата дијаспора. Исто така, ќе земе учество и на средбата на земјите на Централно – Европската иницијатива и на други важни меѓународни форуми за соработка.
Подготвено од А.Ѓ.