27.09.2022 Скопје
Министерот за економија Крешник Бектеши, осврнувајќи се на владините мерки за енергетската криза која ја зафати Северна Македонија но и поширокиот регион, односно Европа и светот, има изјавено дека угостителите и хотелиерите ќе добијат поддршка но рудниците, казината, банките и слични такви дејности нема да бидат вклучени во владините мерки.
Бектеши изјавил дека ќе им се помогне и на најранливите категории на граѓани, а ќе бидат донесени и соодветни мерки во делот на замрзнување на цените и на одредени маржи.
Бизнисот ќе биде помогнат но само на оние сектори кои навистина ќе имаат потреба, поддршка од Владата ќе добиваат оние стопанственици кои ќе покажат дека навистина штедат.
Оние компании кои минатата година имале профит од над 30 милиони евра, кои имаат минерални суровини и кои ги користат јавните добра на сите граѓани не верувам дека навистина би имале потреба да бидат вклучени во пакетот од владините мерки за помош, изјавил министерот за економија.
Според Бектеши, одредени хотели и угостителски објекти се на регулираниот пазар и имаат загарантирана цена на струјата до 31 декември, а за оние кои се на слободниот пазар Владата до крајот на оваа недела ќе излезе со конкретни мерки и предлози за да ги намалат трошоците за електричната енергија.
Министерот за економија Крешник Бектеши, информирал дека во однос на недостиг на квалификувана работна сила во туризмот, веќе е почнато да се работи на ново законско решение за олеснување на процедурите и поедноставно добивање на дозвола за работа во Северна Македонија.
Подготвено од М.Н.