27.09.2022 Скопје
Антонио Гутереш, генералниот секретар на ОН, повика на крај на ерата на нуклеарна уцена.
На специјалната седница на Генералното Собрание на ОН по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за целосно укинување на нуклеарното оружје, Гутереш изјави дека студената војна го донесе човештвото на неколку минути од уништување, додека пак денес, неколку децении по падот на Берлинскиот ѕид, повторно слушаме нуклеарни закани.
Минатата седмица, рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека ќе користи нуклеарно оружје за да ја одбрани својата земја. Воедно, Соединетите Американски Држави соопштија дека користеле приватни канали за да ја предупредат Русија да престане да се заканува со нуклеарно оружје, пренесувајќи и дека ќе претрпи катастрофални последици.
На последниот ден од дебатите за општа политика во рамките на 77-та годишна сесија на Генералното Собрание на ОН, некои од најжестоките критичари на Западот ја искористија највисоката светска дипломатска платформа за да ги обвинат САД и нивните сојузници дека се обидуваат да ја наметнат својата волја врз светот.
Фајсал Мекдад, сирискиот министер за надворешни работи, ги повика силите на меѓународната коалиција предводена од САД да ја напуштат неговата земја.
Ким Сонг, постојаниот претставник на Северна Кореја во Обединетите Нации, изјави дека Корејскиот полуостров е вметнат во маѓепсан круг на тензии и конфронтации поради растечкото непријателство од страна на САД, отфрлајќи ја пораката што американскиот претседател ја пренесе од истата говорница неколку дена претходно.
Претседателот Џо Бајден накратко ја критикуваше Северна Кореја дека продолжува бесрамно да ги крши санкциите наметнати од Обединетите Нации поради нејзините нуклеарни активности.
Подготвено од А.Ѓ.