14.09.2022 Скопје
Потрошувачите треба да знаат дека плаќаат само онолку колку ќе имаат потрошено електрична енергија. Регулаторната комисија за енергетика не ги признава кражбите на електрична енергија во крајната цена што ја одредува и тие не се на товар директно на Електродистрибуција. Доколку некој потрошувач има добиено сметка која отстапува од реалната состојба, може самостојно да го прочита броилото и да ја пријави нерегуларната состојба, по што ЕВН ХОМЕ е должен веднаш да издаде нова корегирана сметка со реална состојба.
Претседателот на РКЕ, Марко Беслимовски, појаснил во едно негово обраќање и за трошокот за електропреносниот систем, по што појаснил дека до 30 јуни 2022 година, трошокот за користење на електропреносот и електродистрибутивниот систем бил вклучен во цената на електричната енергија, потоа овие наплати во сметките за електрична енергија биле раздвоени со цел секој да има увид кој износ го плаќа и за што го плаќа.
Од ОПМ посочија повеќе случаи кои стигнале до нив во врска со сметките за електрична енергија, каде што износот за надоместокот за дистрибуција на електрична енергија е повисок од надоместокот за потрошена електрична енергија.
Претседателот Беслимовски појаснил дека тоа е така зошто поедини домаќинства кои внимаваат на потрошувачката и ја имаат насочено кон ниска, евтина тарифа, трошат електрична енергија која е далеку пониска и изнесува 10 евра за мегавајт час, додека пак трошоците за мрежнината се исти и во висока и во ниска тарифа.
Подготвено од М.Н.