21.09.2022 Скопје
Претседателот на Комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг, Михаел Рот, изјавил дека Европската Унија прокоцкала многу време и доверба на Западен Балкан и доколку ЕУ сака да победи во конкуренцијата со Русија и Кина, ќе мора да ја оживее перспективата за членство, но на таков начин што кандидатите веднаш ќе почувствуваат дел од придобивките од членството во ЕУ. Воедно, нагласил дека Европа ќе мора да превземе решителни чекори за да покаже дека соработката со либералните демократии е многу поатрактивна и поодржлива од соработката со авторитарни режими.
Според Михаел Рот, војната меѓу Украина и Русија ја разбудила Европската Унија од нејзиниот длабок геополитички сон и ја натерала повторно да открие еден од нејзините најуспешни инструменти – политиката на проширување. Токму таа политика, според Рот, била моторот на мирот, демократијата, владеењето на правото и благосостојбата во Европа, а сега пристигнало времето доследно да се продолжи со таа успешна приказна и во Источна Европа и на Западен Балкан.
Михаел Рот, претседателот на Комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг, посочи дека шест предлози би можеле да послужат како насоки за ваква реформа на пристапниот процес, со која земјите-кандидатки ќе бидат чекор по чекор интегрирани во структурите на Европската Унија, уште пред формалното членство.
Претставниците на земјите кандидати кои постигнале задоволителен напредок во областа на демократијата, владеењето на правото и доброто владеење во рамките на преговорите, сега треба да присуствуваат на состаноците на Европскиот совет и на избрани состаноци на Советот на министри на Европската Унија, а одлуката за ова треба да ја донесе со квалификувана одлука Советот на ЕУ и Европскиот парламент по препорака на Европската Комисија.
Дури и пред зачленувањето, според Рот, Европската Унија треба уште поблиску да соработува со земјите кандидатки во важни области, како што се безбедноста, енергетиката и инфраструктурата, а наласи и дека особено со оглед на доаѓањето на зимата, неопходно е да се обезбеди снабдување со енергија на регионот и постепениот пристап до европскиот заеднички пазар би бил примамлив поттик за кандидатите на нивниот пат кон Европската Унија. Воедно, претпристапната помош за поддршка на интегративните напори треба значително да се зголеми за да се пополнат инвестициските празнини и да се намали атрактивноста на кинеските кредити.
Подготвено од А.Ѓ.