19.09.2022 Скопје
Последниот Евробарометар покажа дека околу 45 отсто од Европејците немаат никаква физичка активност.
Европската Комисија, денеска, го објави последното мерење на јавното мислење во Европа, во пресрет на Европската недела на спортот. Анкетата покажува дека 45 отсто од граѓаните во Европската Унија немаат никаква физичка или спортска активност, а само 38 отсто од граѓаните имаат редовна физичка или спортска активност барем еднаш во неделата, додека пак 17 отсто од граѓаните имаат помалку од еднаш неделно.
Граѓаните во Европската Унија, според Европската Комисија, за време на пандемијата со Ковид-19 дополнително ја намалиле својата физичка активност.
Според анкетираните, главна причина зашто не се физички активни е поради тоа што немаат време, додека пак втор одговор е недостиг на мотивација, а на трето место е дека спортот не ги интересира. Третина од анкетираните одговориле дека претпочитаат да вежбаат во домашни услови.
Европската Комисија ќе продолжи да работи на освестување на сите граѓани за важноста од активен и здрав начин на живот.
Подготвено од А.Ѓ.