11.09.2022 Скопје
Долготрајното и широкораспространето загадување на животната средина ќе стане ново кривично дело – Екоцид, доколку се усвои актуелниот предлог текст на новиот кривичен законик, а ќе се казни со доживотен или најмалку десет години затвор.
Во делот на Еколошкиот криминал, Министерството за правда освен што ќе воведува некои целосно нови членови, ќе се врши и допрецизирање на веќе постоечките, а во насока со усогласување европското законодавство.
Загадувањето на водата, воздухот и почвата ќе добие конкретни и мерливи вредности, над кои тоа станува кривично дело, па така со член 289, со кој се доуредува стариот член 218, оној кој ќе ја надмие дозволената граница ќе се соочи меѓународен договор кој е ратификуван во согласност со Уставот и се предвидува казна затвор од една до три години, но и доколку загадувањето е во поголема количина и казната се зголемува, односно од една до пет години.
Лицето кое ќе предизвика сериозна опасност по животот или здравјето на луѓето или уништување на растителен или животински свет во поголеми размери, или на ретки видови на растенија или животни, ќе биде казнето со затворска казна од три до десет години. Досегашниот член 218 дополнително се дуредува, па се предвидуваат казни од три месеци па до пет години.
Со новиот предлог текст на Кривичниот законик и бучавата станува кривично дело, па така со новиот предлог член 309- лицето кое спротивно на прописите ќе спроведе бучава, вибрации или неозонирачко зрачење и со тоа ќе создаде чувство на вознемиреност или ќе го загрози здравјето на луѓето ќе се казни со парична казна или со затворска казна до три години.
Од Министерството за животна средина појаснуваат дека за да имаме здрава животна средина, неопходни се парични и кривични казни. Од Македонското еколошко друштво пак, ги поздравуваат предложените измени на Кривичниот законик кои ќе значат заострување на санкциите за сторителите на кривични дела против животната средина и природата, но и нагласиле дека слаба е имплементацијата за постоечките закони, а тоа е веќе проблем.
Минатата година 73 лица се прогласени за виновни за кривични дела против животната средина, измените сега се очекува да ја зголемат превентивата , што е и основна идеја за целата нација и индустрија, бидејќи многу битен елемент во целата постапка ќе бидат и лабораториите кои ќе земаат примероци, односно ќе обезбедуваат докази за да после тоа полесно се пристапи кон обвинетите и законите од Кривичниот законик.
Подготвено од М.Н.