29.09.2022 Скопје
Премиерот Димитар Ковачевски посочи дека се водат интензивни преговори со Србија за да се обезбеди гас, но набавката мора да се реализира со мултилатерални договори, во кои би бил вклучен и рускиот државен гигант „Гаспром“.
Премиерот Ковачевски, во одговор на пратеничко прашање за енергетската криза на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашањ, истакна дека со Србија постои можност, меѓутоа не 100 процентна, заради тоа што мора да биде реализирана низ мултилатерални договори, бидејќи имаме когенеративна централа во приватна сопственост, не во државна, на територијата на државата. Воедно, додаде дека доколку Србија успее да обезбеди поевтин гас, тој гас би се донел и доколку успеат да го донесат до земјава со оглед на тоа дека интерконекторот со Бугарија кај Жидилово е заклучен на долгорочен договор од страна на „Гаспром“. Ковачевски објасни дека тој не е во сопственост ниту на Република Северна Македонија, ниту на Бугарија, ниту на Србија, туку на „Гаспром“ Русија и само тие можат да дадат дозвола каков и колку гас да поминува низ гасоводот. Доколку се успее да се направи тоа значи дека поевтина цена на гас ќе произведе поевтина цена на електрична енергија, која нормално дека ќе биде размената.
Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија Бектеши, во текот на вчерашниот ден, најавија дека Македонија преговара со српската компанија „Србијагас“ за набавка на енергенсот од Русија по три до четири пати пониска цена од берзанските.
Подготвено од А.Ѓ.