20.09.2022 Скопје
Во август, цената на лебот во Европската Унија се зголеми за речиси една петтина, а како главна причина се наведува војната меѓу Русија и Украина, кои се сметаат за двете главни извозници на житарки и вештачки ѓубрива. Војната меѓу Русија и Украина продолжи да ги нарушува глобалните пазари, а со тоа и да се забрза основната инфлација.
Во февруари се зголемија глобалните цени на пченицата, откако војната со месеци го запре извозот на жито од Црното Море и ја ограничи испораката на ѓубрива, бидејќи руските производители го загубија пристапот до пристаништата на Балтичкото Море што ги користеа за транспорт на амонијак, клучната состојка во нитратното ѓубриво.
Во август 2022 година, просечната цена на лебот во Европската Унија беше за 18 отсто повисока, отколку истиот месец минатата година.
Евростат соопшти дека просечната цена на лебот, во август 2021 година, се зголеми за 3 отсто на годишно ниво.
Податоците на Евростат покажаа дека највисоки годишни промени во просечната цена на лебот се забележани во Унгарија и Литванија, со зголемување од 66% и 33%, соодветно. Додека пак, најнизок просечен пораст од по 10% е забележан во Холандија и Луксембург, а со 8% во Франција.
Годинава, цените на лебот постојано се зголемуваат во земјите-членки на Европската Унија, од просечните 8,3% во февруари, кога Русија ја започна она што ја нарекува „специјална воена операција“ во Украина.
Евростат потврди дека инфлацијата во еврозоната достигна рекордно високо ниво од 9,1 отсто во август, поттикната од нагло повисоките цени на енергијата и храната.
Подготвено од А.Ѓ.