28.09.2022 Скопје
Австриското Министерство за внатрешни работи соопшти дека од вечерва, Австрија воведува контроли на границата со Словачка.
Одлуката е донесена откако Владата на Чешка најави дека од 29 Септември привремено ќе ја врати контролата на границата со Словачка поради зголемената илегална миграција.
Вит Ракусан, чешкиот министер за внатрешни работи, изјави дека годинава 1.200 отсто повеќе луѓе илегално ја минале границата, главно од Сирија. Воедно, Ракусан посочи дека од почетокот на 2022 година, полицијата има приведено 11.000 илегални мигранти и дека има транзитна миграција, огромното мнозинство од овие луѓе сакаат да заминат во Германија, а тоа има предизвикано нервоза и на германската страна на границата.
Чешка и нејзините соседи се членки на Шенген зоната и се проценува дека околу 300.000 воени бегалци од Украина, кои не се вклучени во податоците за илегалната миграција, се населиле во Чешка.
Подготвено од А.Ѓ.