22.08.2022 Скопје
На армискиот полигон „ Криволак “ припадници на вооружените сили на САД што се дел од мисијата КФОР на Косово изведуваат обука на гаѓање со два воздухоплови од типот УХ-60, „Блек хок“, кои се реализираат во периодот од 20 до 26 август, се вели во соопштение од Генералштабот на Армијата. Армискиот полигон ги исполнува сите побарувања кои ги бараат овој вид на активности, а тоа, како што велат од ГШ, истото се потврдило и со изведување на најголемата воена вежба со воздухоплови „Брз одговор 22“. Освен овозможувањето на непречено користење на полигонот и стрелиштето, Армијата на Република Северна Македонија ја овозможи и потребната воено полициска придружба за време на транспортот на припадниците на САД и доколку е потребно обезбедува и соодветна медицинска и логисличка поддршка на активностите.
Од Генералштабот додаваат дека активноста се изведува согласно со одлука на Владата, со која е одобрено влегување и престој на странски вооружени сили на територијата на Северна Македонија, заради учество на обука на блиска воздушна поддршка со воздухоплови на вооружените сили на САД на Армискиот полигон Криволак.
Подготвено од М.Н.