https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/b/b2/Studentski_dom_GOCE_DELCEV_vo_Skopje%2C_primer_za_brutalizam.jpg

03.08.2022 Скопје

На 18 Јули почна електронското пријавување за сместување во државните и приватните студентски домови и се однесува на студенти од втора до шеста студиска година и апсолвенти. Електронското пријавување ќе трае до 5 Август.

Откако ќе помине рокот за упис на факултетите за академската 2022/2023, студентите од прва година ќе имаат рок за аплицирање од 5 до 16 септември 2022 година.

Во 12 домови во Скопје, Битола, Охрид, Прилеп, Штип и Тетово се слободни 4834 легла за редовни студенти на додипломски студии, од кои 3669 легла се наменети за студентите од втора до шеста година и апсолвенти, а 1165 легла се за студенти кои ќе се запишат во прва година.

По ранг листа, студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје располага со најмногу слободни места од 1186 легла, додека пак, 997 легла се слободни во ДСД „Пелагонија“ во Скопје и со 601 слободни легла располага студентскиот дом „Стив Наумов“.

Конкурсот за сместување во државните и приватните студентски домови е објавен од Министерството за образование и наука и во истиот се наведени условите за прием и критериумите при селекција на кандидатите, начинот и роковите за пријавување и документите потребни за конкурирање.

Студентите кои досега не аплицирале, можат да аплицираат на интернет-порталот: e-uslugi.mon.gov.mk, со што ќе пополнат електронска пријава и ќе ја прикачат соодветната документација. Студентите можат да конкурираат за прием во само еден студентски дом.

Конечниот список за прием на студентите од втора и од повисоките години ќе биде објавен на 5 септември 2022 година, а за студентите од прва година на 30 септември 2022 година, на огласните табли во студентските домови и на веб-страницата на МОН.

Студентот се вселува во студентскиот дом почнувајќи од денот на потпишаниот договор со домот во кој е примен, но не подоцна од десет дена од објавениот конечен список.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author