14.08.2022 Скопје
Столе Димитриевски е на сите насловни страници на шпанските спортски медиуми како херој што успеа да го сопре неверојатниот напад на Барселона. Тој е само четвртиот голман во историјата кој успеал на две гостувања по ред на „Камп Ноу„ да остане несовладан против Барселона. Такво нешто се нема случено буквално половина век, од 1972 година.
Во историјата на шпанскиот фудбал само три голмани пред Димитриевски успеале двапати по ред да имаат мирна мрежа против Барселона на „Камп Ноу„ и тоа Еснаола со Реал Мадрид во 1967/68 и 1968/69, легендарниот Ирибар со Атлетик Билбао во 1970/71 и 1971/72 и Дуесто со Малага во 1971/72 и 1972/73. Левандовски, Рафиња, Дембеле, Ансу Фати, Обамејанг, се обидуваа да ја затресат мрежата но македонскиот репрезентативен голман беше несовладлив и се запиша во историјата прв по пауза од половина век.
Подготвено од М.Н.