
12.08.2022 Скопје
Драган Тилев, државниот советник за европски политики во Секретаријатот за европски прашања, соопшти дека процесот на билатерален скрининг со Европската Унија за усогласеноста на европското законодавство со македонското треба да започне во септември. Воедно, информираше дека од формално-правен аспект, нема дилема затоа што за Македонија преговорите веќе се започнати со отворањето на Меѓувладината конференција, што ќе остане отворено за целото времетраење на преговорите, кои треба да резултираат со потпишување и ратификација на Пристапниот договор и полноправно членство на Македонија во Европската Унија.
Според Тилев, секоја слабост која би ја покажале во нашата евроатлантска ориентација ни оди на штета и може да има долгорочни негативни последици. Исто така, нагласи дека геополитичката констелација на состојбите, налага да се размислува рационално и да се одлучува брзо, но исправно, во интерес на државните и националните приоритети, затоа што подобра алтернатива за Македонија од членство во Европската Унија нема и нема да има во иднина.
За скринингот, појасни дека скрининг процесот или преглед на законодавството е составен дел од процесот на пристапните преговори и се одвива во две фази – објаснувачки и билатерален дел. Скрининг процесот ќе трае до ноември 2023 година.
Подготвено од А.Ѓ.