02.08.2022 Скопје
Дизајнерот на првите македонски пари, на едно интервју, истакна дека секој симбол на македонската банкнота си има свое посебно значење и ја отсликува историјата на Македонија, со која можеме да се гордееме.
Како платежно средство во државата беа воведени вредносните бонови во 1992 година, кога престанаа да важат југословенските книжни пари, а кованите пари останаа да важат уште една година.
Во трезорите на НБРМ, на 7 февруари 1992 година, беа депонирани околу 28 000 000 парчиња вредносни бонови. Овие вредносни бонови беа издадени во апоенска вредност од 10, 25, 50, 100, 500 и од 1 000 единици и имаа унифициран дизајн, но различна боја. На самите бонови не го пишуваше името на новата национална валута, додека пак, основниот мотив на предната страна беше Македониумот, а на задната тутуноберачите. Изработката на боновите се одвивала рачно, со перца на питографи.
Првата серија на банкноти во вредност од 10, 20, 50, 100 и 500 денари била пуштена во 1993 година, а на парите биле претставени нашите најпознати знаменитости, како што се „Свети Софија“ во Охрид, „Свети Јован Канео“, „Самоиловата тврдина“, споменикот „Илинден“ во Крушево, Даут-пашин Амам, Саат кулата на Битпазар, Поглед кон зградата на Народна Банка.
За разлика од боновите, за изработката на македонските денари имало многу повеќе време, а се користела и компјутерска техника.
Подготвено од А.Ѓ.