11.08.2022 Скопје
Владата на Република Северна Македонија, по предлог од Министерството за економија, донесе одлука за определување највисока трговска маржа за огревното дрво од даб и бука, како и за пелетите за огрев.
Крешник Бектеши, министерот за економија, соопшти дека со оваа одлука, највисоката трговска маржа за огревното дрво од бука и даб, како и за пелетите за огрев, за сите трговци се утврдува во висина од најмногу до 10 отсто.
Ограничувањето на трговската маржа е врз основа на усогласување на разликите во цените, кои се присутни во трговијата мало, односно при продажбата на овие производи. Воедно, ова ограничување ќе важи за сите трговски друштва и трговци-поединци, а транспортот за испорака на стоките до крајните потрошувачи не се пресметува во висината на трговската маржа.
Подготвено од А.Ѓ.