03.08.2022 Скопје
Руското Министерство за надворешни работи излезе со став дека одлуката на Владата на Република Северна Македонија да донира тенкови Т-72 на Украина претставува голема грешка на раководството.
Марија Захарова, потпаролката на руското Министерство за надворешни работи, предупреди дека иако според северномакедонските власти, тенковите значат „безопасна“ набавка на застарена опрема, останува фактот дека со верноподаничкиот однос кон НАТО, Скопје е вклучено во вооружување на Украина, со што придонесува за продолжување на криминална активност на режимот во Киев против цивилното население во Донбас. Воедно, додаде дека луѓето кои исповедаат демократија, слобода и човекови права треба да знаат за тоа и дека сето ова води кон дополнително влошување на ситуацијата, со што потенцираше дека ова е голема грешка на раководството на Северна Македонија.
Додека пак, македонското Министерство за надворешни работи и од Министерството за одбрана соопшти дека досега, Владата на Република Северна Македонија има донесено неколку одлуки за воено техничката помош со кои и помагаат на Украина во одбрана на својот територијален интегритет, кој е загрозен од воената интервенција. Исто така, потенцираа дека Република Северна Македонија како членка на најмоќниот военополитички сојуз НАТО, одлучно стои зад позицијата и решителноста на НАТО Алијансата да биде гарант на мирот и безбедноста на своите земји-членки и да ги штити вредностите, слободата и безбедноста на сегашните и идните генерации. Од Владата додадоа и дека Македонија е суверена држава, која одлуките ги носи самостојно.
Подготвено од А.Ѓ.