26.08.2022 Скопје
Министерот за економија Крешник Бектеши на обележувањето на денот на рударите во РЕК Битола, кажа дека рударите се бесценет човечки ресурс и дека заедно ќе се справат со досега најголемата енергетска криза која не очекува во претстојниот период.
Според министерот Бектеши, рударството е основна гранка за индустрискиот развој на државата, а следејќи ги актуелните случувања во светот, оваа индустрија ќе остане основен фактор за опстанок и развој.
Од Рударско-енергетскиот комбинат РЕК Битола во пресрет на Денот на рударите, министерот Бектеши нагласи дека благодарение на рударите, на вработените во АД ЕСМ, претходната зима беше успешна и без проблеми, а и годинава се подготвени да ги исполнат барањата и потребите на потрошувачите.
АД ЕСМ се подготвени и за престојната зимска сезона затоа што вработените вложуваат максимални напори системот да работи со целосна снага и да биде функционален, рече генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, на свеченоста во РЕК Битола.
Ковачевски додал и дека цел на компанијата во иднина е повеќе да вложуваат во нови производни капацитети и информира дека во тек е процесот за изградба на фотонапонски електроцентрали во РЕК Битола со снага од 280 МW, кои ќе заменат еден блок од термоелектраната, и ќе произведуваат зелена енергија. Работата на рударите е херојска работа бидејќи со голем труд и напор го зголемуваат производството на електричната енергија, ќе се продолжи со подобрување на условите за рударите за да заедно се справиме со најголемата енергетска криза во последната деценија, истакнал Бектеши на прославата во РЕК Битола.
Подготвено од М.Н.