06.08.2022 Скопје
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ едногласно донесе одлука за прифаќање на Иницијативата за референдум и народно изјаснување во однос на штетните делови од документите за старт на преговорите на земјава за членство во Европската Унија.
Од партијата најавија период на процес на широка консултација со експертската и општествената јавност за природата, карактерот и формулацијата на референдумското изјаснување, чија крајна цел е народното спротивставување на идентитеското обезличување.
Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави консултации околу формата на референдумот – задолжителна или консултативна, за терминот на неговото евентуално одржување, за тоа кој би го иницирал – пратеници или би се собирале потписи на граѓаните, како и дали тој да се однесува на Преговарачката рамка во целина или само на нејзиниот дел каде се споменува билатералниот Договор за добрососедство и пријателство, склучен пред пет години со Бугарија. Според Мицкоски, сите овие дилеми би можеле да бидат искристализирани до септември, до кога ќе течат разговорите со коалициските партнери и консултации. Воедно, тој додаде дека суверенитетот потекнува од граѓаните и ако власта е мудра и ако го цени мислењето на граѓаните, треба да покаже демократски капацитет и да прифати референдумско изјаснување за Преговарачката рамка.
Подготвено од А.Ѓ.