02.08.2022 Скопје
Премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во своето обраќање од Мечкин Камен по повод Денот на Републиката порача дека Илинден е нашата сила и за современа, модерна, економски развиена и европска Република Северна Македонија. Премиерот Ковачевски даде збор дека илинденската и асномската идеја за светла и перспективна македонска иднина, ја имаат пред себе и генерациите на денешницата, и од неа нема назад, туку има само напред.
Премиерот Димитар Ковачевски честитајќи го празникот, истакна дека денеска на Мечкин Камен стои исправено во чест на нашето минато и оддава длабока почит на Илинденците, кои пред повеќе од еден век ја создадоа Крушевската Република заснована врз длабоки демократски принципи и еднаквост. Исто така, додаде дека зборовите на претседателот Киро Глигоров од таа вечер: „Ви ја честитам СЛОБОДНА, СУВЕРЕНА И САМОСТОЈНА МАКЕДОНИЈА“, ќе останат запаметени во историскиот континуитет на македонската држава и нагласи дека водени од заедничката борба, во која животи се положувале за сестрите и браќата од сите народи на ова парче земја, обединети со сите етнички заедници во едно и еднакво општество за сите.
Ковачевски присуствуваше и на панихидата за покој на душите на сите Илинденци и на Крушевчани кои загинаа во тешките денови на Илинденската епопеја во 1903 година. Панихидата се одржа во црквата „Свети Никола“.
Подготвено од А.Ѓ.