11.08.2022 Скопје
Потврдени се случаи на африканска свинска чума во Македонска Каменица, Кочани и Виничка кршла.
Африканска чума кај свињите е вирусно заболување кај домашните и дивите свињи кај сите старосни категории, кое предизвикува големи економски загуби. Вирусот се излачува преку крв, ткива, секрети и екскрети од болни или угинати животни. Болеста се пренесува и шири со директен контакт помеѓу здраво и болно животно, трупови од угинати животни и луѓе, а индиректно се пренесува прекузаразена храна и отпадоци од храна, опрема, возила и облека, како и со биолошки пренос од векторот- мек крлеж од родот Ornithodoros. Луѓето не се примачи на вирусот и болеста.
Владата донесе заклучок да се формира Координативно тело за ефикасно институционално справување со последиците и заштита на свињарските фарми. Додека пак, одгледувачите се во паника, бидејќи африканската свинска чума е екстремно заразно заболување, која без соодветни мерки може да го збрише свињарството во државата.
Ако не се спречи ширењето на африканската свинска чума, ќе се преполови свинскиот фонд и не само што 10 000 семејства директно или индиректно поврзани со свињарството ќе останат без егзистенција, туку и државата ќе мора да увезува, со што цената драстично ќе биде зголемена.
Пред две години во Бугарија, поради епидемијата на африканската свинска чума угинаа или беа усмртени над 300 илјади свињи, што е повеќе од целокупниот свински фонд во државата.
Подготвено од А.Ѓ.