23.08.2022 Скопје
Полковникот Васко Коколански денеска на свеченоста во велешката касарна „ Алексо Демниевски-Бауман “ ја превзеде својата нова должност, командант на Командата за обука и доктрини (КОД) во Армијата на Република Северна Македонија.
Како што информира Министерството за одбрана, на свеченоста, на која присуствуваше и Министерката за одбрана Славјанка Петровска, полковникот Коколански истакнал дека командата за обука и доктрини е многу важен дел од Армијата и горд е што ќе ја има улогата на лидер во трансформацијата и приспособувањето на потребите на новото време. Командата за обука и доктрини во извршувањето на својата мисија, во центарот на гравитација го има својот најважен дел од Армијата, а тоа е војникот, подофицерот, офицерот, цивилното лице, со еден збор, човечкиот фактор во Армијата кој е клучен во операционализација на визиите и стратешките цели на нашите политички и воени лидери како и новиот концепт на НАТО. Затоа може слободно да се каже дека од исклучителна важност е местото и улогата на Командата за обука и доктрина во современото безбедносно опкружување, кажа новиот командант на КОД, Коколански.
Командата за обука и доктрина ја организира, координира и реализира индивидуалната обука на војници, подофицери и офицери од активниот и резервниот состав, а служи како поддршка во колективната обука на командите и единиците на Армијата.
Подготвено од М.Н.