05.08.2022 Скопје
Новите изведувачи на работите на пругата кон Бугарија, откако ќе ги завршат административните процедури, со регистрација на подружници и обезбедување на потребните сертификати и одобренија, по пауза од две години, во септември ќе продолжат со изградбата на пругата кон Бугарија.
Директорот на ЈП ЖРСМ Инфраструктура, Хари Локвенец, изјави дека „Штрабаг“ е веќе етаблирана фирма во државата и ги има сите потребни услови за активирање на работата, нивниот вовед во работата ќе биде многу побрз во споредба со воведот со работа на турската компанија. Воедно, додаде дека пристапот до градилиштето ќе биде направен во текот на месецов за компаниите изведувачи, а почетокот на градба во координација со нив.
Според Локвенец, изведувачите ќе донесат свој раководен и инженерски кадар, за оперативниот дел ќе биде ангажиран домашен кадар, а исто така и домашна градежна механзиација. Неговите очекувања се дека се што постои од механзиација ќе биде вклучено во овие проекти со оглед на нивната големина и потребата да се завршат работите навреме.
На првата делница треба да бидат изградени железнички станици во Ново Куманово, Шупљи Камен и Бељаковце, како и шест стојалишта, на втората ќе има станици во Крива Паланка и Гиновце и три стојалишта, додека на третата, долж 24 километри се проектирани 25 тунели и 51 мост.
Проектот за пругата кон Бугарија е почнат во 1994 година, а работите првпат беа стопирани во 2004. Продолжија една деценија подоцна, во март 2014 година, но не беше испочитуван поставениот рок за завршување на работите во 2016 година, поради, според официјалните образложенија, проблемите од имотно-правен карактер. Активности на терен нема од јуни 2020 година, кога тогашниот изведувач германски „Вибе“ еднострано го раскина Договорот.
Во јануари 2021 година, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) објави тендер за избор на изведувачи на пругата, а постапката беше заокружена минатиот месец кога беа потпишани договори со „Штрабак“ и „Ѓулермак“.Дел од тендерот е и договорот за реконструкција на пругата од Ногаевци до Неготино на Коридорот 10, во должина од 31 километар, а изведбата на инвестицијата од 4,8 милиони евра ја доби „Штрабак“.
Вкупната финансиска конструкција за трите договори изнесува над 200 милиони евра.
Подготвено од А.Ѓ.