01.08.2022 Скопје
Од денеска поскапува парното греење за 14,18 проценти и ова е второ поскапување на парното годинава. Со ова поскапување, просечната сметка од 1 800 денари се зголемува 250 денари.
Според образложение на Регулаторната комисија за енергетика, одлуката за новата цена се должи на драстично зголемените цени на гасот на светските берзи, кој се тргува по десет пати повисоки цени од пред кризата.
Од Владата најавуваат нови антикризни мерки за граѓаните и компаниите, а главна задача ќе биде да се обезбеди струја и други енергенси во текот на зимата. Воедно, Владата разговара со соседните држави за обезбедување алтернативни начини за снабдување со гас, а електроенергетските компании работат на обезбедување ликвидност и суровини за непречено производство на струја.
Од РКЕ укажуваат дека доколку не се увезат потребните количини природен гас за производство на топлинска енергија, тогаш ќе мора да се користи мазутот за производство, што е многу неповолно од еколошки аспект и е ризично за граѓаните.
Според најавите од Владата, месецов се очекува да биде прогласена кризна состојба во Македонија, во делот на енергетиката. Од надлежните институции и понатаму апелираат до потрошувачите, почнувајќи од институциите на централно и локално ниво, во грејната сезона да ги следат препораките на Европската Унија за штедење и намалување на греењето.
При вчерашната посета на Тетово, премиерот Димитар Ковачевски информираше дека Министерството за финансии работи на дефинирање конкретни антикризни мерки, потсетувајќи дека со ребалансот на Буџетот за поддршка на граѓаните и стопанството предвидени се 76 милиони евра, а воедно почнат е и дијалог со стопанските комори во однос на дефинирање на мерките во снабдувањето со електричната енергија.
Од Стопанската комора на Северна Македонија велат дека за да може ЕСМ да произведува електрична енергија, потребно е да се премине кон набавка на јаглен веднаш, за да не биде доцна после во текот на зимата и треба државата финансиски да помогне доколку е потребно. Исто така, од Комората посочуваат дека во Македонија има 40 до 45 мегавати фотоволтаици што се инсталирани и/или се инсталираат, но чекаат на приклучок на мрежа. За таа цел бараат ЕВН и сите субјекти кои што се одговорни, да ги приклучат во најбрз можен рок, затоа што нема економска оправданост да има инсталирани фотоволтаици, а истите да не се ставени во функција, само затоа што не се приклучени на мрежата.
Подготвено од А.Ѓ.