04.08.2022 Скопје
Од Министерството за образование и наука информираа дека денес министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, бил во посета на општина Студеничани и потенцираа дека во последните неколку години Студеничани значително се урбанизира од сите можни аспекти, особено инфраструктурно.
Општина Студеничани, во село Морани, доби нова училишна спортска сала, а се работи и на ново основно училиште во населеното место Љубош. Овие две капитални инвестиции ги реализира Министерството за образование и наука, за што се одвоени над 70 милиони денари од државниот буџет.
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, изјави дека голема заслуга за тоа има и раководството на локалната самоуправа, но и Владата на Република Северна Македонија која води политика на подеднаков третман на сите региони и општини, со единствена цел – да се подобри стандардот и квалитетот на живот на граѓаните. Воедно, министерот Шаќири посака спортската сала да се користи што повеќе и да биде место од каде ќе произлезат многу нови спортисти, репрезентативци, но најважно е да биде место од каде ќе произлегуваат многу нови, здрави генерации кои ќе бидат правилно насочени – кон спорт, наместо кон пороци.
Подготвено од А.Ѓ.