24.08.2022 Скопје
Кризната состојба во делот на енергетиката се очекува да биде прогласена утре. Одлуката ќе важи од 1 Септември, а според најавите на надлежните, нема да има рестрикции на струја во зимскиот период, доколку се се одвива според планираното. Министерот за економија Крешник Бектеши недоамна на прес-конференција рече дека не очекува да има рестрикции во зимскиот период, доколку сите граѓани и институции ги почитуваат дадените препораки.
Според генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, компанијата работи со максимален капацитет и потребите за струја на ЕВН се задоволуваат исклучиво со домашно производство.
Во следните денови се очекува од Владата да се објават јавните повици за избор на вршители за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија откако на БЕГ и беше одземена лиценцата за работа. На 16 Август беа објавени од страна на Владата, препораките и мерките за заштеда на струја до 15 проценти, кои ќе важат до Март следната година. За домаќинствата и за компаниите, тие се во вид на препораки, додека за државните институции ќе има конкретни задолженија кои ќе мора да се почитуваат, во спротивно ќе следат соодветни санкции.
Пред нас е една од најтешките зими на енергетски план, не само кај нас, туку за сите земји во регионот и Европа, и доколку сите треба да придонесеме за заштеда на електрична енергија а пример треба да бидат сите државни институции, за да можеме полесно да се справиме со она што не очекува, рече министерот Бектеши на прес-конференцијата минатиот вторник.
Подготвено од М.Н.