21.08.2022 Скопје
Случувањата во Обвинителството и во Финансиската полиција покажуваат дека има некој судир внатре во власта, обвинителките се жртви на некој што е заинтересиран да не се истражуваат определени структури, вели професорот Гордан Калајџиев. За професорот повеќе загрижувачки во моментот е тоа како државата реагира на имплементацијата на законите и борбата со криминалот и корупцијата, односно загрижувачки е тргањето на практично половина од Обвинителството за организиран криминал, што според него е практично „распад на системот“.
Калајџиев додава дека зачудува и молкот од надлежните институции како Владата, Министерството за правда, дури и претседателот.
Тие што веројатно имаат моќ да делуваат и врз едните и врз другите, во конкретниот случај, личи како обвинителите да покажале некој отпор, продолжиле со некои истраги што им кажале да не ги водат или да ги сопрат и личи дека во конкретниот случај тие се повеќе жртви на некој што е заинтересиран да не се истражуваат определени структури, кажа во своето видео обраќање, професорот Калајџиев во врска со тргањето на обвинителката Русковска и в.д. директорот на Финансиската полиција.
Подготвено од М.Н.