23.08.2022 Скопје
На отварањето на Европскиот форум Алпбах, Нехамер истакна дека важно е да се даде соодветна перспектива на целиот Западен Балкан и важно е да се направи се за војната од источните граници на Европа да не се прошири во централниот дел на Европа. Нехамер укажа на тензиите во Косово и Босна и Херцеговина, рече и дека на војната во Украина не и се гледа набргу крајот, но неопходно е да се одржува контакт со Русија. Нехамер даде и јасна изјава дека задржувањето на санкциите против Русија е оправдано, велејќи дека тоа е нешто што мора да се направи.
Руската агресија врз Украина е главна тема на Европскиот форум Алпбах, кој оваа година се одржува под мотото „Нова Европа“. Гостин на отварањето беше претседателката на Молдавија, Маја Санду, која порача дека цела Европа мора да и помогне на Украина, бидејќи Украинците ја бранат цела Европа.
Санду апелираше до ЕУ да и даде на нејзината земја, како што и даде на Украина, чесна перспектива за пристап.
Претходно претседателот на форумот Алпбах, Андреас Трејл, истакна дека е неопходна силна европска обрамбена архитектура, кажа дека го цени НАТО но Европа мора да биде независна во способноста да ги заштити своите граници.
Подготвено од М.Н.