02.08.2022 Скопје
По повод националниот празник Илинден, од пред споменикот Македониум се обрати министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој истакна дека првиот Илинден претставува симбол на заедничката борба за слободна и автономна Македонија, без разлика на вера, народност, пол и убедување, отсликан во првата Република на Балканот – Крушевската и нејзините славни ѕидари, во Крушевскиот манифест, војводите и комитите, спомен обележјата во Крушево, и вториот, оној на АСНОМ, кој донесе остварување на идеалите на Илинденците, како симбол на победата над фашизмот, на успешната борба за ослободување од вековното ропство, на хероите партизани, на Прохор Пчински, Пелинце и секаде каде што историјата оставила свој печат како паметник за идните генерации.
Спасовски додаде и дека денес имаме зошто да празнуваме, а тоа е затоа што Македонија ја грее сонцето на слободата, државата се гради на темелите на заедништво и разбирање, кои тие, нашите претци ги поставија, нивната визија се трудат да ја исполнат во реалноста на Македонија, а пријателите на Македонија се побројни.
Во куполата на споменикот Македониум се наоѓа и гробот на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев.
Македонија денес одбележува 119 години од раѓањето на Крушевската Република и 78 години од Првото заседание на АСНОМ.
Подготвено од А.Ѓ.