Photo by Crea Park form PxHere

03.08.2022 Скопје

Денешните податоци на турскиот Завод за статистика покажаа дека инфлацијата во Турција, во јули, достигна годишна стапка од 80 отсто, што претставува нејзино највисоко ниво во изминатите 24 години. Исто така, од Заводот за статистика објавија дека на месечно ниво, потрошувачките цени во јули пораснале за 2,37 отсто, а се предвидувало дека на годишно ниво, инфлацијата на потрошувачките цени во јули ќе изнесува 80,5 отсто.

Во Турција, растот на инфлацијата започна минатата есен, кога лирата нагло падна.

Годинава по пандемијата со Ковид-19, инфлацијата беше дополнително поттикната од економското влијание на руската инвазија врз Украина, како и од континуираниот пад на лирата, која минатата година ослабе за околу 40 отсто во однос на доларот, а оваа година падна за уште 27 проценти.

Во транспортниот сектор е забележан најголем годишен раст на потрошувачките цени со 119,11 отсто, додека пак, цените на храната и безалкохолните пијалоци пораснаа за околу 95 проценти.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека очекува инфлацијата да се намали на нормално ниво до февруари и март 2023 година, додека пак централната банка минатата недела ја зголеми проценката за инфлацијата за крајот на 2022 година на 60,4 отсто.

Годишната инфлација сега е на највисоко ниво од септември 1998 година, кога достигна 80,4 отсто, а Турција се бореше да стави крај на една деценија хронично висока инфлација.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author