11.08.2022 Скопје
Предизвикана со руската инвазија на Украина, енергетската криза длабоко ја потресува Европа. Норвешка, која е една меѓу најголемите извозници на електрична енергија на континентот, најави можност за ограничување на извозот на струја.
Владата на Норвешка, поради нискиот водостој во јужниот дел на земјата, може да ги стави своите потрошувачи пред меѓународните купувачи, затоа што се наоѓа пред можен недостиг на електрична енергија. Доколку Норвешка го реализира овој потег, Велика Британија, Германија и Холандија ќе бидат најпогодени, затоа што се потпираат на норвешката евтина струја од хидроцентрали.
Терје Ослан, министерот за нафта и енергетика, истакна дека во однос на производството на електрична енергија, приоритет ќе биде полнењето на езерата кај браните, кога нивото ќе падне под сезонскиот просек. Воедно, ги замоли жителите на Осло да се тушираат пократо и да не тече постојано вода додека ги четкаат забите, затоа што резервоарите се исцрпени поради сушата.
Во однос на минатата година, производството на електрична енергија во јужниот дел на Норвешка е намалено за 18 отсто. Но, сепак Норвешка засега нема да воведе рестрикции.
Подготвено од А.Ѓ.