18.08.2022 Скопје
Електрична енергија ова зимо ќе има доволно, но од секој од нас зависи како и за што ќе се користи. АД ЕСМ во првите седум месеци од 2022 година произведе за 15 проценти повеќе електрична енергија во однос на истиот период минатата година.
Во пресрет на прогнозираната најтешка зима на енергетски план во Европа, а со цел непречено снабдување на електрична енергија и пониски сметки, министерството за економија подготви план и препораки „Заштеда на струја за побезбедна зима“. Во пребродувањето на кризата треба да учествуваат сите, а јавните институции треба да бидат пример за совесно однесување и мора да ја намалат потрошувачката на струја за 15 проценти споредено со истиот месец минатата година. Мерките ќе почнат да се практикуваат од 1 Септември и ќе траат до 31 март 2023 година, меѓу другото се предвидува и да се исклучи декоративното осветлување на фасадите на сите јавни објекти и културни споменици, да не се користи осветлување во внатрешните простории и канцеларии во јавните објекти додека има доволно дневна светлина. Мерките вклучуваат и препораки за заштеда на електрична енергија и за приватните компании и за домаќинствата.
Со почитување на овие мерки и препораки, ќе се намали потрошувачката на електричната енергија, ќе се намалат сметките за струја и нема да дојде до загрозување на редовното снабдување на електрична енергија.
Подготвено од М.Н.