07.08.2022 Скопје
Институциите спремаат промени во наставната програма на второоддделенците и петтоодделенците. Од септември, во второ одделение ќе се изучуваат идентитети, а во петто одделение се спојуваат предметите Историја и Општество.
Идните вторачиња со новата наставна програма ќе треба да научат како да ги препознаваат и како да се справуваат со емоциите, а во предметот Општество ќе треба да идентификуваат идентитети.
Во материјалите објавени на Бирото за развој на образованието за предметот Општество за второ одделение, во подрачјата Дигитална писменост, Личен и социјален развој, Техника и технологија, наведено е дека ученикот ќе треба да знае и умее да процени кога и на кој начин за решавање на некоја задача/проблем, е потребно и ефективно користење на Информатички комуникациски технологии. Наставниците за да можат да спроведуваат дигитализација, наставната програма предвидува во наставата да се користат компјутер, проектор, дигитални уреди, но и сложувалки, логички плочки, игра „Не лути се човече“ и градинарски алат.
Додека пак, петачињата наместо да учат два предмети, Историја и Општество ќе се спојат во еден учебник за една оцена. Воедно, на крајот од годината ќе треба да имаат чувство на припадност кон државата.
Од Министерството за образование и наука се уште нема информација дали сите основни училишта ги поседуваат наведените помошни техничко-технолошки помагала, иако до стартот на новата учебна година остануваат уште точно три седмици. Воедно, учебниците се уште не се испечатени со новините.
Подготвено од А.Ѓ.