24.08.2022 Скопје
Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, денеска ќе ја одржи 63-тата седница, на чиј дневен ред ќе биде жалбата на јавната обвинителка Вилма Русковска.
Одлуката за свикување на седницата е објавена на веб-страната на Советот на јавни обвинители, а на дневен ред како прва и единствена точка ќе биде разгледувањето на жалбата на јавната обвинителка. Обвинителката Вилма Русковска, минатата недела поднесе жалба за одлуката за нејзината суспензија до Советот на јавни обвинители. Со жалбата Русковска ги подбива наводите во решението и оваа суспензија ја смета како неоснована и суспензија на правдата.
Републичкиот јавен обвинител, врз основа на член 81 од законот на јавно обвинителство, донесе Решение за оддалечување од функцијата на шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска, додека трае кривичната постапка поведена по поднесената пријава од Арфат Муареми за претресот на 18 Јули во Управата за финансиска полиција.
Подготвено од М.Н.