https://www.facebook.com/photo/?fbid=437613728396850&set=pcb.437614208396802

08.08.2022 Скопје

На 8 август 2001 година, кај месноста Карпалак, на автопатот Скопје-Тетово, 10 резервисти беа убиени, а тројца ранети кога конвој од хермелин, два автобуса, камион и комбе од Прилепската касарна одел кон Тетово. Кај месноста Карпалак, конвојот бил начекан во терористичка заседа во 9:30 часот и врз него бил отворен жесток оган од тешки митралези и рачни ракетни фрлачи. Едно транспортно возило било погодено со ракетен фрлач, при што загинале осум војници и двајца офицери, сите од резервниот состав. Со ракетен фрлач бил погоден и еден од автобусите. Борбите за извлекување на преживеаните 108 луѓе траеле повеќе часови.

Конвојот со 13 транспортери, 15 тенкови, 30-тина камиони, потешко пешадиско оружје: топчиња, хаубици и два автобуси со резервисти одел кон Тетово, Еребино, за да изврши смена на силите и да однесе дополнителна опрема за војската, којашто била сместена во Тетовско. Со минофрлачи, тромблони, зољи и автомати беше пукано од клисурата Карпалак, кога беше погоден еден камион кој се запали. Беше запалено и едно цивилно возило, а куршумите од автоматското оружје завршија и во автобусите со кои се транспортирале војниците, но возачот успеал да го оддалечи возилото од местото на засега.

Одбележувањето на 21 година од трагичниот настан почна со поклон, почит и тага пред спомен обележјата во прилепската касарна „Мирче Ацев“. Пред спомен обележјето се поклонија и положија цвеќиња претставници на семејствата на загинатите, на Армијата, претставник од Кабинетот на претседателот, од локалната самоуправа, здруженија, граѓани и поединци.

Командантот на прилепскиот гарнизон, потполковник Славчо Кузманоски, оддавајќи им почит на загинатите бранители истакна дека спомените и тагата остануваат и по 21 година и додаде дека останува обврската, како наша така и на идните поколенија и генерации да го чуваме споменот за нив, да го негуваме, да се сеќаваме на 2001-та година и да не дозволиме никогаш да се повтори.

Секоја година, преживеаниот возач на автобусот Ацо Јовановски се сеќава и го посетува местото Карпалак на патот Скопје-Тетово, но најголема болка му претставува што и ден денес нема спомен обележје. Додека пак, претседателот на здружението „Карпалак“ истакна дека е разочаран и стои на ставот дека биле предадени и „наместени“, затоа што многу се ветувало, но ништо не е направено.

Почит се оддава и пред споменикот во селото Леништа, а ќе се одржи и вечерна богослужба во манастирот „Света Петка“.

Драган Василевски, советникот за одбрана на премиерот, во име на Владата положи цвеќе пред споменикот на загинатите бранители во кругот на касарната „Мирче Ацев“ и на спомен обележјето во село Лениште и присуствуваше на вечерната богослужба во манастирот „Света Петка“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author