04.08.2022 Скопје
Пред 119 години, кај месноста Ѓурѓејца на ледината помеѓу селата Карбуница и Кладник, се одвивала една од најкрвавите и најславни битки од Илинденското востание. Битката на Ѓурѓејца е една од ретките победи на востаниците од времето на Илинден.
Денес, голем број на почитувачи на Илинденската епопеја го посетија споменикот на локалитетот Ѓурѓејца и положија свежо цвеќе како потсетување на оваа славна битка.
Душан Ристоски, историчар од Кичево, во своите написи потсетува на 30-те загинати комити кои животот го положиле за ослободување на Македонија и нагласи дека Ѓурѓејца е една од најсветлите страници од времето на Илинден и прва добиена битка против поробувачот. Исто така, нагласи дека востаниците оваа битка скапо ја платиле со над 30 загинати комити и голем број тешко ранети. Токму затоа, според Ристоски, овој локалитет и овој датум заслужуваат почесно место во македонската историја, како потсетник за идните генерации за големото херојство на нивните претци од времето на Илинден.
Подготвено од А.Ѓ.