20.07.2022 Скопје
Рускиот претседател Владимир Путин од Техеран изјави дека Украина ги нема исполнето условите од мировниот договор, кој практично е постигнат во март и додаде дека Москва не ја гледа желбата на Украина за да се стави крај на војната.
За можна средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, Путин изјави дека конечниот резултат зависи подготвеноста на страните да ги спроведат постигнатите договори, но Путин не одговори дали би се сретнал директно со Зеленски.
Во март се водеа преговори, двете страни дадоа предлози, но без напредок.
Путин оствари средба со иранскиот врховен лидер, Али Хамнеи, и ги продлабочија врските меѓу двете земји кои се под западни санкции.
Путин во Иран оствари средба и со турскиот претседател Таип Ердоган, со кој разговараше за договор со кој ќе се обнови црноморскиот извоз на жито од Украина, кој е во моментов блокиран од Русија.
Средбата со Ердоган е прва лична средба на Путин со некој лидер на земја-членка на НАТО, откако Русија ја почна војната во Украина.
Потпаролот на Белата куќа за национална безбедност, Џон Кирби, изјави дека патувањето во Техеран на Путин покажува колку Русија станала изолирана земја и дека САД подготвува уште еден пакет оружје за Украина.
Подготвено од М.Н.