12.07.2022 Скопје
На плоштадот „Скендербег“, пред т.ц. Мавровка може да се забележи засилено полициско обезбедување пред вечерашниот протест против предлогот од Франција.
Според најавата на организаторите, протестот ќе почне пред Владата во 19 часот, преку Мавровка до МНР, по што протестот ќе заврши пред Собрание. Претходниот пат кога протестот се одвиваше по истиот пат, се случи тежок инцидент и поради тоа сега е поставено посилно полициско обезбедување.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави дека не се знае кој точно ги организира протестите, како и дека ниту еден од досега одржаните собири не бил уредно пријавен. Исто така, министерот Спасовски на својот фејсбук профил напиша дека сака да ја извести јавноста да биде спокојна, МВР останува во служба на граѓаните и нема да дозволи протестите да бидат злоупотребени за разгорување на меѓуетнички тензии. Во објавата на министерот Спасовски стои и дека е нечесно и недостоинствено да се злоупотребуваат граѓаните како параван за неоправдано насилство во исклучиво политички цели.
Подготвено од М.Н.