13.07.2022 Скопје
Директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, изјави дека светските економски прогнози се на лош пат, како главна причина ги наведе војната во Украина и потресите на цените на стоките предизвикани од војната. Георгиева додаде дека кон крајот на овој месец, се очекува ММФ да ја објави својата ревидирана надолна прогноза за раст за 2022 и 2023 година.
Нотата е подготвена пред состанокот на министрите за финансии и гувернерите на централните банки на земјите од Г-20, кој ќе се одржи овој викенд во Бали, Индонезија.
Директорката на ММФ рече дека инфлацијата е повисока од очекуваното и се проширила поради цените на храната и енергијата. Првично поради пандемијата Ковид-19, а сега и војната во Украина, наведува дека ќе продолжи тенденцијата кон зголемување на инфлацијата. Георгиева изјави и дека меѓу главните причини за загриженост, ММФ ја наведе и несигурноста во храната, која брзо се влошува и најмногу ги погодува најсиромашните области, а како начин за справување со овие проблеми, ММФ се залага за укинување на неодамна воведените ограничувања за извоз на храна, да се поддржат ранливите економии и да се реформира меѓународното кооперативно оданочување.
Подготвено од М.Н.