03.07.2022 Скопје
Ополномоштениот министер на руската федерација во Софија, Филип Воскресенски, кој е еден од протераните руски дипломати, изјави дека со благодарност заминува од Бугарија и Бугарите со кои долги години соработувал.
Воскресенски изјави дека руската амбасада во Бугарија веќе дала коментар за тоа што се случило, поточно протерувањето и прогласувањето на 70 руски дипломати и функционери за персона нон грата и тој лично не сака да коментира околу таа одлука. Тој посочи дека за тоа дали мисијата во Софија ќе биде затворена, тоа ќе реши претседателот на Русија, Путин.
Според непотврдени информации, вкупниот број руски државјани кои денеска ја напуштаат Бугарија е околу 170 лица.
Најголем дел од Русите на аеродромот пристигнаа со автобуси организирани од дипломатското преставништво на руската федерација во Бугарија и во зградата на аеродромот во Софија имаше засилена полициско присуство.
Подготвено од М.Н.